Поранешниот британски конзервативен министер Ендрју Мичел, го загуби приватниот спор што го водеше против таблоидот „Сан“ и новинската компанија „Њуз Груп Њузпејперс“ околу неговата расправија со еден од полицајците кои го обезбедуваат влезот во Даунинг стрит во центарот на Лондон.
Мичел го загуби и спорот со полицаецот Тоби Роуланд со кога имаше вербална расправија, што лондонскиот весник ја откри и ја објави пред британската јавност. Поради однесувањети на министерот и навредите што им ги упати на полицајците, Мичел мораше да поднесе оставка на функцијата.
Судијата во случајот пресуди дека Мичел, најверојатно, го навредувал полицаецот омаловажувајќи го дека за него тој е „обичен плебс“.
Употребата на овој збор беше повод екс-министерот да поднесе приватни тужби против полицаецот и весникот кој ги откри деталите од конверзацијата на Мичел со луѓето кои се грижат за безбедноста на британскиот премиер.
Мичел призна дека претерал во расправијата, но одбиваше да прифати дека на овој начин го навредувал полицаецот. Тој,пак, остана на својата првична изјава и на она што го изјави на весникот.
Во својот завршен збор судијата го нарече однесувањето на Мичел „детинесто“, но оцени дека верзијата на која инсистира Мичел не се согласува со она што го прикажуваат безбедносните камери на влезот во уличката во која живеат премиерот и министерот за финансии и каде се одржуваат владините седници.
Мичел предизвика бурна реакција во британската јавност кога по една владина седница, прво побарал од полицајците за него и за неговиот велосипед да ја отворат големата железна врата, што се прави само за автомобили, па кога полицајците одбиле да му го исполнат барањето, тој почнал да се расправа со нив и да ги навредува и омаловажува.
Иако мораше да поднесе оставка, Мичел продолжи да тврди дека не го рекол тоа што го рекол, обвинувајќи ги новинарите и „Сан“ за невистинито прикажување на расправијата.
Тој денеска не го криеше своето разочарување од пресудата, а полицаецот Роуланд рече дека е задоволен што сето ова конечно завршува.
Мичел сега ќе мора да ги плати сите судски трошоци кои ќе изнесуваат околу два милиони фунти.