Вечерва, во 21 часот, со изложбата во „Агенција за сериозни интереси (СИА)“ почнува тридневниот настан, „Читаме: Луѓето ко книги,зградите ко луѓе“, кој се одржува во рамки на долгорочниот проект „Живи библиотеки: архиви на граѓанска непослушност“. Насловот на вечерашново претставување е „Обид за бегство од малцинството“, а учествуваат проектите: Кустоска платформа (Загреб), Ивана Мештров, Ана Ковачиќ, групата „А-бе-есЁ“ (Загреб – Ријека – Крк), „Учителот Незнајко и неговите комитети„ од Белград, Отворена архива од Даниел Серафимовски, која се занимава со губењето на колективната мемеорија за Скопје, а кураторите Ивана Васева и Филип Јовановски ќе го презентираат проектот „Живи библиотеки“.
– Идејата за оваа поставка од долгорочни истражувачки проекти започна да се гради околу неколку термини: еднаквост, заедница, читачка група, политичност, базирајќи се на повеќе идеи на францускиот филозоф Жак Рансиер, објавувани низ неколку негови книги.
Во оваа збирка од различни архиви, заедно се предложени повеќе практики како:годинешното истражување на Кустоска платформа за уметноста и индустријата (уметноста/уметничкиот свет автономен, но и истовремено хетерономен), А-бе-ес-овата деконструкција на надредената улога на професорот (Жакото како пример за вистинска еманципација, релациите на едукативниот авторитет кои мора да бидат разградени), процесот на еманципација и субјективизација (Учителот Незнајко и неговите комитети), алтернативна форма за културна размена и споделување (Отворена архива, Даниел Серафимовски во соработка со Агенција за сериозни интереси (СИА), Живите библиотеки како процес, истражување и самоедукација.
Заедно, овие поединечни архиви преиспитуваат односи, констелации и корелации осврнувајќи се на минати дискурси и преиспитувајќи ги во сегашноста, велат кураторите.