Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер ќе биде отворена изложбата „Космичкиот еротизам на струната и облината” од ликовната уметница Тања Таневска, која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Рубенс Корубин во 1996 година.
Членува во ДЛУМ од 1997, учествувала на десетици самостојни и преку 180 групни ликовни изложби во Македонија и во странство, како и на повеќе од 35 домашни и меѓународни ликовни колонии. Добитник е на неколку значајни домашни награди во организација на ДЛУМ, како и на награда од Интернационалното биенале на мал формат во Рацибор, Полска.
Изложбата на Тања Таневска во Софија ќе ја отвори директорот на КИЦ на РМ во Софија Васко Шутаров, а проектот е целосно поддржан од Министерство за култура на Република Македонија.