Градоначалниците на Град Скопје и Општина Центар, Коце Трајановски и Андреј Жерновски и директорите на јавните градски претпријатија денеска присуствуваа на акција за чистење на Центар, во Паркот на Франкофонијата.
Акцијата во општината Центар е дел од 11. циклус посети на општините на Град Скопје и средби со претставниците на урбаните и на месните заедници.
– Овие три дена на територијата на општина Центар екипи на јавните претпријатија ќе дејствуваат на решавање проблеми во своите области. Така, екипите на ЈП „Улици и патишта” ќе работат на санација на повеќе улици и ќе спроведуваат акции за крпење на ударните дупки, екипите на ЈП „Комунална хигиена” ќе работат на чистење на сметот, како и на метење и миење на улиците во општината, екипите на ЈП „Водовод и канализација” со луѓе и механизација ќе работат на чистење на шахтите и сливниците, како и на отстранување на дефектите со водоснабдувањето, додека екипите на ЈП „Паркови и зеленило” ќе работат на косење на тревата и кастрење на гранките, рече Трајановски.
Оние проблеми што ќе ги лоцираат јавните претпријатија во текот на овие три дена, ќе бидат отстранети по завршување на работните акции во сите 10 скопски општини.
Жерновски изјави дека како градоначалници се избрани за да соработуваат во насока на подобрување на квалитетот на животот во Центар и дека средбите со урбаните заедници е добар начин за продлабочување на таа соработка.