Преубав, богат, исклучително уреден и модерен средноевропски град – Грац, центарот на Штаерска, најдобро е да се посети за време на божикните базари, што почнуваат веќе од овој викенд.
Грац има преубаво уредени улици, интересни пасажи, украсени катчиња, раскошни градби, измиени плоштади… Особено се убави улиците Херенгасе и Хофгасе, во кои шопингот е кралски, а слаткарниците – царски. И улицата Споргасе, која името го добила по производителите на мамузи, денеска е преполна со бутици на чии фасади може да се почувствува допирот на барокот и сецесијата.
– За да имаме што повеќе време за прошетки, на пат тргнуваме рано наутро и, по краткото возење, стигнувамне во градот од бајките, вели Драгана Богуновиќ од агенцијата „Кон Тики“. „Веднаш откако ќе се сместиме одиме во разгледување на главниот плоштад Хауптплац, Собранието на градот, фонтаната посветена на штаерскиот принц и покраинскиот Парламент, ренесансниот Ландхаус, каде се оддржуваат концерти и каде можат да се каснат вкусни колбаси со сенф.
Грац во 2003 година беше европска престолнина на културата, па архитектурата е изменета. Изграден е „добриот вонземјанин“ – музејот на „Кунстхаус“, а покрај него и Муринсел, островот на реката Мура.
Во зима брзо се стемнува, а Грац во предвечеријата се преобразува во вистинска бајка. Лампиони и празничното осветлувања се палат уште попладне, кога цел град почнува да мириса на варено вино и печени костени.
Божиќ на Алпите се прославува спектакуларно, а покрај мирисните базари, скулптури од мраз, концерти и вкусни слатки, во Грац се слави и Свети Никола, со маски на легендарниот Крампус кој ги казнува немирните деца.
Сите базари во Грац се сместени еден до друг, па е лесно за една вечер на одеднаш да се испие пунч, на друго место да се касне колбас, а на трето „чоколадни трошки“.
Најпознат е пазарот пред Градската куќа, каде се наоѓа шарениот рингишпил, додека на пазарот пред Францисканската црква се наоѓа приказот на Христовото раѓање со вистински животни, како и местото каде децата можат да прават играчки. Најубавите ракотворби можат да се купат на пазарот на Фарбер плац, додека изработките на најдобрите мајстори можат да се видат на Глокеншпил. На Маријахилф плац се отвара вистински „вондерленд“, со светлосни сенки и џез музика, а на Ландаусхоф можат да се видат смерзнатите фигури на Христовото раѓање, кои децата ги обожуваат.
Замокот е особено волшебно место за оддржување на божикни базари, бидејќи се наоѓа на врвот на ридот (до кој се стигнува со жичарница, лифт внатре во ридот или пешки на над 300 скалила), од чиј видиковец се нуди преубав поглед врз магично осветлениот Грац. Овој базар е најинтересен за време на викенд, бидејќи тогаш се отвораат кулинарските штандови и штандовите со ракотворби од Штаерска, заедно со музичките програми, што посетителите ги води директно во божиќниот свет и создава вистинска празнична грозница која е незаборавна.