Биолозите и геолозите веќе со децении се прашуваат зошто животот на Земјата настанал толку рано и зошто му требало толку многу време да се развие во форми какви што ги знаеме денес.
Некои проценки укажуваат на тоа дека првите организми на Земјата се појавиле кога нашата планета имала само 10 милиони години. Еволуцијата во текот на првите милијарда години била речиси незначителна, некои едноклеточни организми еволуирале во бактерии, алги и други едноставни живи суштества, но животот на Земјата бил сосема неинтересен.
Не било многу подобро се до пред 600 милиони години, кога се одиграл драматичен период во биолошката историја на планетата, познат како камбријска експлозија.
Тие досадни организми еволуирале во разни форми на живот од растителното и животинското царство и тоа во рекордно кусо време.
Дури, еволуцијата се одигрувала толку брзо, што Чарлс Дарвин бил загрижен дека фактите за тоа ќе ја разнишаат неговата теорија за еволуцијата.
Дарвин сметал дека еволуцијата е многу бавен процес кој се одигрува низ мали промени во текот на многу генерации. Но, ако бил во право, зошто во камриј дошло до толку брз развој и преминување на едноставни форми на живот во сложени животни и растенија, на кои геолошкиот еквивалент е едно трепнување со око?
Секако, денес знаеме дека Дарвин бил на вистинската трага, но дека немал доволно добри примери на фосили, кои во почетокот на 19 век биле многу малку.
Ископувањата во светот подоцна откриле остатоци кои покажуваат дека промените сепак не биле толку брзи, за да ја нарушат постојаноста на теоријата за еволуцијата.
Сепак, нема сомнеќ дека во историјата се случила голема промена, која ја забрзала еволуцијата, а научниците се обидуваат да откријат за што станува збор.
Две неодамнешни студии објавени една по друга за само неколку дена би можеле да го отстранат тоа сомневање.
Работата на Ноја Планавски од Јејл и Кристофер Рејнхард од Технолошкиот институт во Џорџија објавена во списанието Science, темелена на древни сегменти од Кина, Австралија, Канада и САД, сугерираат дека научниците ја прецениле количината на кислород во Земјината атмосфера во периодот пред камбријската експлозија.
Многумина сметале дека во воздухот имало само околу 40 отсто кислород, околу два пати повеќе од денес, но оксидираниот хром кој директно е поврзан со нивото на кислородот во атмосферата во седиментите, упатува дека кислородот порано бил само една десетина од еден процент.
Ниту еден сложен организам не би можел да преживее во свет со толку малку кислород, па ако резултатите се точни, светот тогаш сеуште не бил подготвен за побрза еволуција. Нешто морало да се промени за да почне животот да се развива.
Други докази објавени во списанието Geology сугерираат дека поместувањата на тектонските плочи на т.н. суперконтиненти во преткамбријската ера можеби предизвикало необичен раст на нивото на кислородот во древните океани, но и во Земјината атмосфера.
– Не тврдам дека ја решив мистеријата на камбријската експлозија – вели Јан Далзијел од Универзитетот во Тексас, кој учествувал во оваа студија.
Меѓутоа, тој понудил сценарио според кое тектонските сили можеле да доведат до зголемување на нивото на кислородот и раст на нивото на морињата.
Далзијел ова прашање го проучувал 35 години и процесот го гледа од оваа перспектива:
Покренувањето на тектонските плочи под древните континенти го туркаат врвот на Јужна Америка подалеку од Антарктикот и ги поврзуваат она што се денес Пацифик и Атлантик. Тие движења можеби ги продолжиле гребените меѓу океаните кои се состојат од подводни планински венци, каде се таложела новата магма богата со кислород и нутриенти. Поради тие процеси растело нивото на морињата.
Овие две студии совршено се вклопуваат и сугерираат дека светот кој имал недостиг на кислород можел релативно брзо да се трансформира во вистински инкубатор на нов живот во плитките води кои се задржале на континентите, по прелевањето на океаните. Можеби токму тоа била вистинската сценографија на камбријската експлозија.
Подготовките можеби траеле многу милиони години, бидејќи тектонските плочи се поместуваат од прилика со иста брзина како што растат ноктите на човечките прсти. Меѓутоа, ако условите биле доволно поволни, еволуцијата можела да се забрза и тоа до пет пати.
Овие студии сигурни не го затвораат прашањето на камбријската експлозија, но Чарлс Дарвин веројатно би бил задоволен.
Еј-Би-Си њуз