Со свечена академија вечер во Домот на културата во Битола ќе бидат одбележани 106 години од Битолскиот конгрес на кој било унифицирано писмото на Албанците. На академијата ќе се обратат вицепремиерот Муса Џафери и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908 година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место.
За претседател на Конгресот бил избран Мидхад Фрашери, а потпреседатели биле Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра, Парашќеви Киријази, била единствената жена на конгресот. Киријази го објавиле и првиот буквар со унифицирана азбука за потребите на училиштата. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.
Според бројот и важноста на учесниците, Конгресот во Битола бил најзначаен културен настан за албанскиот народ на почетокот на 20 век, за што сведочат и експонатите во поставката на НУ Музеј на албанската азбука во Битола, кој со поддршка на Министерството за култура на РМ работи од 2010 година.
Денот на албанската азбука – 22 Ноември е неработен за припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.