Деволуцијата на Шкотска ќе продолжи онака како што беше ветено, без разлика постоењето на прашањето за гласачката реформа во британскиот Парламент, изјави во Лондон премиерот Дејвид Камерон.
Во „жешката“ дебата пред Комисијата за врски на Парламентот, Камерон се судри со пратениците од опозициската Лабуристичка партија кои го поддржуваат натамошното префрлање на овластувањата на шкотскиот Парламент, но имаат сосема различна позиција кога станува збор за барањето на Конзервативците за измена на гласањето на пратениците во Вестминстер, според принципот-англиски гласови, за англиското законодавство, или само пратениците од Англија да смеат да гласаат за законите што ќе важат за тој дел од земјата.
Дебатата во оваа Комисија беше покрената околу унапредувањето на законот за деволуција, на тој начин што Парламентот во Единбург сега треба да биде овластен и за даночната политика како и за социјалните бенефиции и давачки.
Во финишот на кампањата на унионистите за референдумот за шкотската независност трите главни британски партии се огласија со декларација, ветувајќи им на Шкотланѓаните повеќе овластување за тамошниот Парламент, доколку Шкотска не се отцепи од Велика Британија.
Премиерот Камерон сега вели дека она што беше ветено ќе се реализира, но тој сака процесот на натамошна деволуција на Шкотска да се поврзе со гласачката реформа во британскиот Парламент.
Ториевците на Камерон инсистираат на таквата реформа, објаснувајќи дека не е фер пратениците од Шкотска во Вестминстер да одлучуваат и за образованието или здравството кое ќе се однесува само за Англија, а пратениците од англискиот дел на државата, да немаат никакви права околу управувањето со шкотските работи.
Лабуристите кои имаат убедливо мнозинство меѓу шкотските гласачи и добар дел од пратениците се избрани од шкотските гласачи, ги обвинуваат конзервативците дека „прават политика од британскиот Устав“. Опозициските пратеници сметаат дека ќе се предизвика создавање две класи на пратеници, оние од Англија (и Велс) и оние од Шкотска.
Лабуристите предлагаат наместо реформа на гласањето во Парламентот како што бараат владеачките ториевци, да се изврши деволуција во Англија на ниво на региони и градови.
Во денешната дебата учествуваа и пратеници од сепаратистичката Шкотска национална партија СНП кои предупредија на „изборен дебакл“ на британските партии за изборите во 2015 година, ако не се исполни ветувањето од пред референдумот за зголемување на овластувањата на Парламентот во Шкотска.