Владимир Милчин по повод изјавата на министерот за образование дека некој стои во позадина на масовниот студентски протест, на својот фејсбук профил пишува:
„На насловната страница на вчерашен „Вечер“ (среда, 19.11.2014) „осамнал“ министерот Абдулаќим Адеми со изјавата НЕКОЈ СТОИ ВО ПОЗАДИНА НА СТУДЕНТСКИТЕ ПРОТЕСТИ. Очигледно, ДУИ учи од пропагандистичко-извртувачките финти на Центарот за дезинформации на постарата и поголемата партија во коалициската власт: Одбивањето да се соочат со фактите, да го согледаат она што просто боде очи, да се соочат со неизбежното, да прифатат дијалог, да ја префрлат одговорноста што ја носи власта, особено онаа неограничената, да најдат друг виновник за незадоволството што го предизвикале со својата некомпетентност која може да се мери само со нивната алчност за од никого и од ништо непречено практикување на моќта. Неговата изјава/обвинение претставува сублимат на непристојно потценување на интелигенцијата на младоста, образованоста и артикулираноста на оние кои јасно и гласно покажаа дека имаат што да кажат и дека немаат потреба од никаква и ничија позадина. Да, имаат потреба од солидарност, но немаат потреба од водачи, ниту во првите, ниту во последните редови. Затоа, навредливото и непоткрепено подметнување на министерот е истрел во празно“, пишува Милчин.