Скандинавците се во поблиско сродство со првите Европејци отколку, на пример Французите или Германците. Тоа го покажуваат резултатите од истражувањата на „првиот Европееец“ – еден скелет стар 37.000 години, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Станува збор за скелет кој бил ископан во руското село Костенки, кое се наоѓа 30 километри јужно од Вороњеж, а каде што руски археолози имаат пронајдено единствен комплекс на палеолитска населба од светско значење.
Скелетот, кој бил испитуван, му припаѓал на маж кој живеел на тој простор, каде што денес се наоѓа Костенки.
– Од генетска гледна точка тој е Европеец, а факт е дека е во поблиско сродство со Данците, Швеѓаните, Финците и Русите, отколку со Французите, Германците или Шпанците, вели за списанието „Сајанс нордик“, Еске Вилерслев, шеф на данскиот Центар за гео-генетика при Универзитетот во Копенхаген.
Целта на истражувачката студија била да се утврди кога настанале разлики меѓу Европејците и Азијците. Заедно со други откритија, меѓу другото и еден скелет од Сибир, истражувачите веруваат дека линијата на раздвојување се развивала во периодот меѓу 37.000 и 45.000 години пред нашата ера.
И покрај утврденото сродство, истражувачите сметаат дека е бесмислено, од генетска перспектива, да се посчуваат Скандинавците како посебен народ, со оглед на тоа дека цела низа други генетски карактеристики, особено од Блискиот Исток, биле присутни кај првите Европејци.