Македонскиот уметник Иван Ивановски ќе ги претстави своите дела пред публиката во Њујорк на самостојна изложба 92ft² & 24’12’’ во „Galery MC“ која ќе се отвори денеска и која ќе трае до 27. ноември.
Ивановски на оваа поставка изложува свои анимирани филмови и цртежи.
– Изложбата, го истражува потенцијалот на анимираниот филм како медиум во контекст на современата уметност.
– Таа содржи три филма (Konzo, 5’59 ”, Народниот фронт 12, 10’23 ”, Внатре, 7’50 ”) и уметнички дела кои се користени во процесот на нивно креирање, како и цртежи и слики од проектите во продукција, вели Ивановски.
Тој дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година. Во 2013 го заврши Академскиот програм на ФАМУ во Прага.
Досега се има претставено со седум индивидуални и дваесетина групни изложби со слики, скулптури, цртежи, видео и инсталации.