Изложба насловена „Пупки во бурата”, на Кристина Зимбакова ќе биде отворена денеска во Порта Македонија.
На четвртата по ред самостојна изложба таа ќе се претстави со слики во комбинирана техника создадени во последните неколку години. Експресивниот и симболичен израз, вметнувањето мотиви од поезијата на Силвија Плат и Ен Секстон, текстуални елементи, и габите како медиум се значајни одлики на нејзиното творештво.
Освен акрил, смола и рачен вез, користени се и невообичаени материјали како дрвени струготини, влакна од коноп, рафија, пеперутки, афионово семе, чевли. Габите, лишаите и пеперутките се добиени од збирки или теренски истражувања во соработка со природни научници, особено околу одредувањето на видовите.
Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Ферид Мухиќ. Кристина Зимбакова е од Струмица, а живее и работи во Скопје. Негува интердисциплинарен приод кон ликовната уметност.