Прославите по повод одбележувањето на 41. годишнината од востанието на грчките студенти против воената хунта треба да кулминираат попладнево, со годишниот собир пред американската Амбасада во Атина.
Маршот почна пред триесетина минути од Техничкиот факултет во Атина (Политехнички).
Властите распоредија 7.000 полицајци и во центарот на градот на сила се вонредни сообраќајни прописи.
Како дел од безбедносните мерки, полицијата формира кордон по улиците во центарот на Атина, каде што ќе поминува маршот. Повеќе метро станици се затворени, а има измени и во распоредот за возење на автобусите и тролејбусите, кои ќе траат до утре во раните утрински часови.
Стотици граѓани, вклучувајќи и многу родители со деца, го посетија Политехничкиот факултет за да положат цвеќе во знак на почит на оние кои ги загубиле животите за време на борбите против воената хунта.
„Политехничкото востание е еден од оние настани во грчката историја кои добија уште поголемо значење со текот на времето. Тоа е затоа што се повеќе ни требаат примери кои покажуваат дека социјалното ослободување се добива со борби, дека нема ништо помоќно од страста за слобода и демократија“, рече грчкиот претседател Каролос Папуљас во својата порака до граѓаните.