Британскиот премиер Дејвид Камерон предупреди дека постои можност од избивање на нова глобална економска криза, а последиците од нестабилноста го загрозуваат заздравувањето на Велика Британија.
Тој укажа на последиците од судирот и слабиот економски раст, а за еврозоната оцени дека се наоѓа „на работ“ од рецесија.
– Црвените светла за предупредување повторно се запалени за глобалната економија, шест години по кризата која го стави светот на колена, напиша Камерон за весникот „Гардијан“.
Британскиот премиер додаде дека еврозоната се наоѓа на работ на можна трета рецесија, со висока стапка на невработеност, намалена активност и ризик од пад на цените.
Камерон истакна дека епидемијата на ебола, судирите на Блискиот Исток и илегалните акции на Русија во Украина придонесуваат за „опасна нестабилност и неизвесност“.
Ваквото предупредување следува откако Камерон на самитот на Г-20 во Бризбејн се заложи за договор за слободна трговија меѓу ЕУ и САД.