Воопшто не е пријатно кога детето ве прекинува во разговорот и иако многу родители отрпнуваат на тоа има ситуации кога ќе ви биде важно да го ислушате соговорникот до крај и да кажете нешто, но тоа нема да биде возможно.
Кога сте дома или во парк можеби може да се толерира ова однесување, но детето кое ве прекинува и ве вика необрнувајќи внимание на тоа дали разговарате со лекар, аптекар, службеник во банка…прави да се чувствувате непријатно, а при тоа нема да бидете сигурни дали сте слушнале се што ви кажал соговорникот.
Ова однесување обично почнува нешто пред три години и на почетокот не е одраз на невоспитување, туку детето на оваа возраст има потреба веднаш да каже што му паѓа на памет, затоа што краткорочната меморија на оваа возраст не е доволно развиена.
Ова е инстиктивна потреба кај детето, која тоа не може да ја контролира, бидејќи доколку не каже веднаш што сака тоа ќе заборави.
Краткорочната меморија брзо ќе се развие по четвртата година, вашето дете ќе биде во состојба да запомни за што размислувало, додека не го завршите разговорот, па нема да има потреба се наеднаш да каже во истиот момент.
Сега можете да му објасните на детето дека може да ве прекине во разговорот само ако нешто е важно и итно. Ова звучи особено лесно и не би требало да има проблеми, меѓутоа тоа бара сложено логично размислување, за кое ние возрасните не сме ни свесни.
Дали е итно ако најде бубачка? Или ако детето е жедно? Или ако му тече носето? Или ако во моментот поминува убава и мила мачка? Или ако во кујната има пожар? Како малото детете да знае колкав е степенот на итност и важност за да ја прекине мајката додека разговара на телефон?
Затоа мора да имате на ум дека вашето дете на возраст меѓу три и четири години не ве прекинува во разговорот намерно или затоа што е невоспитано, туку едноставно моментално нема способност да се контролира.
Тоа секако не значи дека ќе го пуштите детето да ви се качува на глава секогаш кога разговарате со некого, туку ова е вистинско време за почеток на формирање навики на пристојно однесување.