Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ изјави дека во Босна и Херцеговина не постои „хрватско прашање“, туку прашање на рамноправност на сите три конститутивни народи, како и оти се залага за промена на Уставот.
– На тоа има право и хрватскиот народ. Очигледно е дека Хрватите не се чувствуваат рамноправни. Полна рамноправност ќе воспостави потребна рамнотежа, ефиканско функционирање и здрави односи во БиХ, изјави Јосиповиќ за сараевскиот весник „Дневни аваз“.
Според него, самите граѓани на БиХ треба да одлучат на кој начин тоа ќе го остварат и изрази уверување дека единствено решение што произлегува од дијалог, меѓусебно разбирање и компромис може да биде долгорочно одржливо.
Јосиповиќ нагласи дека Европската унија, а со самото тоа и Хрватска, имаат дефиниран интерес во БиХ, дека развојот на БиХ е за доброто на нејзините граѓани, но и нејзините соседи и ЕУ како пошироко соседство.
– Стабилна и развиена БиХ е гаранција за стабилна и развиена Европа, изјави Јосиповиќ, додавајќи дека за постигнување на таа цел мора да се обезбеди еднаква перспектива и можност за напредок на сите три конститутивни народи во БиХ и сите нејзини граѓани.
Тоа може и треба да се постигне со договор што ќе ја изразува волјата на сите три народи. Во тој контекст и промена на Уставот е една можност, оцени тој, нагласувајќи дека решение не може да се наметне од надвор, но од надвор може да се помогне.