Жупанискиот суд во Загреб донесе одлука да го пушти загребскиот градоначалник Милан Бандиќ да се брани од слобода со кауција од 15 милиони куни (речиси два милиони евра).
Бандиќ понудил кауција од 22,5 милиони куни (речиси три милиони евра), но Судот заклучил дека се доволни и 15 милиони куни.
Ова е досега највиската кауција изречена од хрватските судови. Досегашната рекордна кауција од 12,5 милиони куни (1,6 милиони евра) му беше одредена на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер.
Бандиќ одредената кауција ќе ја приложи во недвижен имот, но засега не е познато во чија сопственост е тој.
Судот на Бандиќ му изрече и мерка забрана за извршување на работни обврски. Тоа ќе значи дека тој не ќе може да се врати на своето работно место и да ја извршува градоначалничката функција.
Хрватското обвинителство има рок од три дена за жалба, на одлуката на Судот. Се очекува Бандиќ да биде пуштен на слобода идната недела.