Грчкиот премиер Андонис Самарас ги одби барањата за средби на македонскиот премиер Никола Груевски. Ова го пренесе грчкиот весник „Димократиа“, каде се пренесени преписките на двајцата премиери.
Во писмото од грчкиот премиер испратено на 4 септември, како одговор на писмото од Груевски се критикува политиката на македонскиот премиер и се демантира дека Грција ги попречува преговорите со ЕУ.
„Со изненадување и жал читам во вашето писмо дека споменувате дека Грција ја блокирала европската иднина на вашата земја. Дозволете ми со сета почит да нагласам дека ова е апсолутно неточно. Не треба да се пропушти фактот што согласно со предвидените пред пристапни и пристапни процедури, Грција како и секоја друга земја членка има право, но исто така и должност, да го набљудува напредокот на секоја земја кандидат во исполнувањето на предвидените критериуми и задолженија во сите области“, пишува Самарас.
Во текстот на весникот е нагласено дека со писмото на Самарас се демантираат информациите во грчкиот печат изминатата недела за тајни преговори меѓу двете страни, но и дека Самарас нема да отстапи од грчката црвена линија, односно барањето за име со географска одредница за севкупна употреба под нечиј притисок.
„Но од ваша страна сте на истиот став последните 17 години. Ја негирате веќе и логиката и очигледниот предуслов за постигнување решение – што е независно од името што на крај ќе се договори – тоа треба да биде за сите употреби, да се користи од сите (ерга омнес). Оваа позиција и во минатото ви беше пренесена од поранешните премиери на Грција Караманлис и Папандреу. Освен тоа, инсистирате на промовирање на контрапродуктивна и непријателска реторика врз Грција, која решението го прави уште потешко. Би сакал да додадам дека оваа реторика ги навредува и вознемирува Грците, како и вашите обиди за присвојување на нашата историја и на нашите симболи, на тој начин зголемувајќи ги оправданите сомнежи околу тоа дали постои било каков интерес од ваша страна за решавање на прашањето“, пишува Самарас.