Со положување венци во спомен на загинатите војници од Првата светска војна денеска на германските воени гробишта во Прилеп беше одбележан 11. ноември 1918 година.
На свеченото одбележување присуствуваа претставници од дипломатскиот кор во земјава, амбасадорите на Германија Кристине Алтхаузер, на Франција Лоренс Оер, на Руската Федерација Олег Николаевич Шчербак, потпретседателите на македонското собрание Антонио Милошоски и Раиф Алити, министерот за одбрана Зоран Јолевски и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
– Во овие гробишта каде почиваат германски, бугарски и руски војници, се свртуваме кон младите генерации. Во еден несигурен свет дали ќе можат еден ден да им ги пренесат на идните генерации вредностите вткаени во француско-германското помирување, пораката на мирот и пријателството меѓу народите, за да опстои споменот на бескорисното жртвување на голем број млади луѓе, рече пред присутните амбасадорката Оер.
Амбасадорката Алтхаузер нагласи дека се среќни што повеќевековното непријателство меѓу Германија и Франција е надминато и стана големо пријателство, пример за сите, па и за државите на Балканот.
– Може и мора нешто да се научи од тоа пријателство. Само така може Европа да живее во мир. Тоа е можно и на Балканот. Помирувањето на Балканот зависи од државите, а Европската Унија, Франција и Германија може да помогнат, порача Алтхаузер.
Што се однесува до решавање на проблемот со името, германската амбасадорка Алтаузер рече дека тоа е прашање за двете страни, Македонија и Грција.
– Тоа е обврска на засегнатите страни. Ако тие не може да се договорат, однадвор не може да се наметне решавање, изјави Алтхаузер.
Француската амбасадорка Лоранс Оер потврди дека за помирувањето на Балканот пресудна улога и задача имаат државите .
– На Балканот е можно да се постигне помирување. Јас од Франција и мојата колешка од Германија и нашите фамилии пателе во Втората светска војна и таквите страдања не смеат да се повторат, рече таа.
Според градоначалникот Ристески, војните и големите жртви што се положени се опомена и потсетување никогаш повеќе да не се случат.
– Ова значи дека во иднина треба да се почитуваме, да се помириме и да живееме во мир, мислејќи на нашиот напредок, изјави Ристески.
Амбасадорот на руската Федерација Олег Николаевич Шчербак во комплексот „Германски гробишта“ го откри споменикот на загинатите руски војници.