Уредништвото на влијателниот финансиски медиумски сервис Блумберг во денешниот уводник побара претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер да поднесе оставка.
Барањето уследи откако минатата недела се објавени голем број документи кои покажуваат како големите меѓународни корпорации со помош на луксембуршките власти со години успевале да избегнат да плаќаат данок, во времето додека Јункер беше премиер на Луксембург.
– Јункер ја збогати својата земја извлекувајќи пари од џебовите на други држави, вклучително и земји-членки на Европската унија, на која сега треба да и служи, се наведува во уводникот на Блумберг, укажувајќи дека функцијата на Јункер не е неодржлива поради морални причини.
Пратеничките групи на социјалдемократите и либералите во ЕП минатата недела покренаа иницијатива Јункер пред пратениците да ја објасни својата улога во избегнувањето на данокот преку фиктивни фирми регистрирани во Луксембург, но партиите од десниот центар, најсилната група во ЕП, тоа го блокираа.
Јункер од почетокот на скандалот не се има појавено во јавност, но преку својот портпарол порача дека совеста му е мирна и дека слична практика постои во многу други земји, како и дека надлежните тела на ЕК ќе испитаат дали се прекршени европските закони.
Но, уредниците на Блумберг оценуваат дека Јункер мора да поднесе оставка дури и ако се било во согласност со законите.
– Со оглед дека Јункер е на чело на надлежните тела за истрага, јавноста нема да поверува во резултатите ако тој биде ослободен, пишува Блумберг.
Скандалот се случи уште во првата недела од петгодишниот мандат на Јункер, кој има поддршка од поголемиот број членови на Европскиот совет и на ЕП.