Тинејџерите кои се обидуваат да ослабнат треба да се вклучат во програма за вежбање, која опфаќа аеробни вежби и вежби со отпор, покажуват резултатите од едно канадско истражување. Исто така е утврдено дека со диета без вежбање се постигнува многу малку.
Канадски истражувачи ставиле 304 тинејџери со прекумерна тежина на диета со дневен енергетски дефицит од 250 калории (мерено врз основа на трошење на енергијата во мирување).
Испитаниците биле поделени во четири групи на период од 22 недели: аеробен тренинг на справи, како што е подвижна лента, вежби со отпор на тренажери и со слободни тегови, комбинирани аеробни тренинзи и тренинзи со отпор, и група на диета без вежбање.
Обично се препорачуваат аеробни вежби, но главниот автор доктор Роналд Џ. Сигал, професор по медицина на Универзитетот во Калгари, вели дека е очевидно оти „оние кои правеле и аеробни и вежби со отпор загубиле масти и го намалиле обемот на струкот многу повеќе од оние кои правеле само аеробни вежби“.
Диетата без вежбање довела до намалување на мастите во организмот за 0,6 отсто. Меѓутоа меѓу адолесцентите кои се придржувале барем кон 70 отсто од програмата, дошло до губење на масти од 2,5 отсто при аеробните вежби, 3,2 отсто при вежбите со отпор и 4,8 отсто кај комбинациите од овие два вида на вежби.
Обемот на струкот се намалил многу малку кај групата на диета, во споредба со околу три сантиметри при аеробните вежби, околу два сантиметри при вежбите со отпор и малку повеќе од шест сантиметри при нивно комбинирање.