Република Македонија и НАТО се партнери и соработници во етаблирањето на мирот, просперитетот и демократијата во светски рамки, а припадниците на Армијата на Република Македонија (АРМ) кои беа и се дел од мисиите на Алијансата, особено во мисијата во ИСАФ се врвни професионалци кои ги извршуваат зададените задачи вешто и умешно.
Ова го заклучија министерот за одбрана Зоран Јолевски и претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генералот Кнуд Бартелс на денешната средба во Министерството за одбрана (МО).
На средбата, информираат од МО, министерот Јолевски истакна дека Република Македонија и НАТО ги споделуваат истите вредности и дека имајќи ја предвид нашата заложба за придонес во меѓународните мировни мисии, АРМ ќе продолжи да учествува во новата мисија на Алијансата во Авганистан, „Одлучна поддршка“.
– Учеството во меѓународни мировни мисии, а уште повеќе и стратегиската определба на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, за која има целосен политички консензус и висока поддршка од страна на граѓаните, покажува дека нашата определба се просперитетот, но и мирот и демократијата како највисоки цивилизациски вредности, додаде министерот Јолевски.
Тој посочи дека реформските зафати во рамките на Армијата и на Министерството се реализираат во континуитет и дека дел од нив е и унапредувањето на процесот на образование и едукација за припадниците на АРМ.
– Преку развојот на Воената академија, ние инвестираме во образованието за кадрите кои ќе бидат идните офицери на АРМ, што е многу значајно, истакна Јолевски, посочувајќи го процесот на модернизација на Армијата како еден од приоритетите за иден развој.
Генералот Бартелс, осврнувајќи се на учеството на припадниците на АРМ во мировни мисии предводени од Алијансата, истакна дека станува збор за врвни професионалци, факт кој е познат кај партнерите и во НАТО.
– Ви благодариме за досегашното учество во мисиите на Алијансата и ја цениме вашата поддршка за идната мисија на НАТО во Авганистан, рече Бартелс на средбата со Јолевски.
Во рамките на неколкудневната посета на Република Македонија, генералот Бартелс оствари средба со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, а во текот на денешниот ден ќе има и предавање пред питомците на Воената академија. Воедно, генералот Бартелс, во текот на утрешниот ден ќе оствари и средби со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.