Претседателот на Сојузот на независни социјадемократи (СНСД), Милорад Додик, денеска изјави дека оваа партија со своите коалициски партнери имаат комотно собраниско мнозинство од 45 пратеници, иако не сакаше да открие уште кои тројца други парламентарци им дале поддршка.
Додик изјави и дека нема ништо против влегувањето на СДА во новата ентитетска Влада.Попладнево треба да се оддржи состанок на делегациите на СНСД и СДА, со што ќе продолжат партиските преговори за формирање власт по општите избори на сите нивоа.
Во изјавата дадена во Бања Лука, Додик повтори дека на конститутивната седница на Парламентот на РС, на која ќе ја даде претседателската заклетва за новиот мандат, тој ќе го предложи и името на мандатарот за состав на новата Влада на Република Српска.
Медиумите во РС калкулираа дека мандатарот ќе го даде Демократската народна партија (ДНС), коалицискиот партнер на СНСД, но сега предност и се дава на Жељка Цвијановиќ, актуелната премиерка, која не победи во трката за српски член на Претседателството на БиХ.
– Имаме повеќе од 42 пратеници и тоа ќе се види кога ќе се гласа, така што можеме да формираме стабилна влада. Во овој момент поддршка за оваа влада даваат 45 пратеници и оваа бројка само може да се зголеми, рече лидерот на СНСД.
Додик потврди дека ХДЗ, со еден министер, повторно ќе биде застапена во Владата на РС, иако немаат пратеници во ентитетскиот Парламент, а во согласност со реципрочниот принцип, „доколку тоа биде можно“, и СНСД ќе добие едно место во Владата на Федерацијата БиХ.
– Доколку таквата практика се договори и со СДА, нема да бегаме од неа, нагласи Додик.
Тој повтори дека претставниците на СДА и претходно биле застапени во владите на РС и немало никакви проблеми, па не гледа причина, доколку се договорат, така да не биде и сега, пренесуваат локалните медиуми.