Американските сили утрово извршиле воздушни напади врз упоришта на сириски екстремисти, кои не се поврзани со џихадистите на Исламска држава (ИД), соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.
Во соопштението се наведува дека воздушните напади се извршени во градовите долж сириската граница со Турција.
Активистот Ахмад Кадур изјави дека е бомбардиран исламистички суд, предводен од бунтовничката група Ахрар ал Шам, која го следи екстремно конзервативното толкување на исламот.
Невладината организација, со седиште во Лондон, истовремено соопшти дека се извршени воздушни напади и врз упоришта на екстремистичката организација Нусра Фронт во сириските погранични градови Сармада и Харем.
Нусра Фронт е сириски огранок на Ал Каеда, но нејзините припадници се борат против ИД.