Британската влада ја отфрли можноста полицајци од Велика Британија да бидат префрлени на француската страна на каналот Ламанш, помагајќи им на француските власти за да полесно се справат со проблемот со илегалните имигранти во реонот на градот Кале.
За официјален Лондон, безбедносните работи на француска почва се работа на Франција. Според конзервативниот пратеник Џејмс Броукеншир, проблемот со имигрантите од Африка и од Блискиот Исток е сериозен, но станува збор за проблем кој е поголем и се однесува попироко за целата ЕУ.
Броукешир вели дека Велика Британија веќе определила 12 милиони фунти за следните три години, како помош за властите во Кале и нивната борба со приливот на илегални имигранти, но не се предвидува таму да се испратат и британски полицајци.
Реакцијата од Лондон доаѓа откако францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казенев побара,британски полицајци да бидат испратени во реонот на Кале,за да помогнат околу имигрантите.
Во интервју за радио Би-би-си, Казенев изјави дека британските полициајци би можеле да помагаат во уверувањето на имигрантите за тоа дека е „невозможно да го преминат Каналот и да се населат во Британија“.
Повеќе од 2.500 илегални имигранти во најголем број од Африка и од Блискиот Исток кампуваат во импровизирани логори, без елементарни услови за живот, во близина на главниот терминал за фериботи во францускиот пристанишен град Кале, за да најдат начин да се префрлат на британска територија.
Бројот на имигрантите во минатата година е зголемен за 50 отсто,откако се продлабочија кризите во источна Африка и на Блискиот Исток и посебно граѓанската војна во Сирија.
Локалните власти во Кале објаснуваат дека присуството на толку многу имигранти во градот претставува социјален и здравствен проблем за локалната заедница,но многу често и безбедносен,затоа што не е ретко имигрантите да навлегуваат во градот и да се пресметуваат,меѓусебе,на улиците.
Во интервјуто за Би-би-си, министерот Казенев признава дека владите во Париз и во Лондон имаат „тешки преговори“ за ситуацата во и околу Кале и инсистира проблемот заеднички да се решава,затоа што станува збор за ситуација која ги погодува двете соседни земји.
Во одговорот од Лондон, пратеникот Броукеншир објаснува дека Британија ниту има планови, а ниту има намера да испрати свои полицајци на француска територија.
Минатиот месец, владата во Париз одлучи во Кале да се испратат уште 100 полицајци,кои заедно со постоечките 350 треба да се справуваат со ситуацијата околу имигрантите.
Барањето на министерот Казенев, доаѓа по недоамнешната посета на Лондон на градоначалникот на овој француски град, Наташа Бушар.
Таа учествуваше во расправата во парламентарната комисија за внатрешна политика во Вестминстер, каде порача дека проблемот со имигрантите е повеќе британски, отколку француски, затоа што тие луѓе сакаат да се префрлат во Британија, за да работат и живеат, а не да останат во Франција.