Во Истанбул, Турција, денеска ќе биде отворена изложба на постери на Плакарт – Здружението на графички дизајнери и Скопје постер фестивалот.
Поставката, која ќе биде изложена во Универзитетот Мармара, ќе ја сочинуваат 50-тина постери на финалисти од минатогодишниот конкурс на Скопје постер фестивалот на тема „Citizen2020“, чие финале се одржа во ноември во Младинскиот културен центар.
– Оваа е веќе петта изложба на постери на Плакарт во оваа земја и е одраз на долгогодишната соработка со еден од најголемите универзитети во Турција, Мармара Универзитетот, односно Факултетот за ликовни уметности, изјави Лазе Трипков, основачот на Плакарт и Скопје Постер Фестивалот.
Инаку, претседател на меѓународното жири на Фестивалот, кое имаше задача да направи селекција од над 1.920 постери од 38 земји беше Мирко Илиќ, дизајн-иконата на екс југословенските простори.
По изложбите на Плакарт и Скопје постер фестивал во Њујорк и во Истанбул, се планира и изложба во Варшава, Полска, која треба да биде отворена во втората половина на декември.