Лимон паника

Од:

Лимон во комбинација со чај и мед, како додаток во разни салати и како придружен елемент на пијалоци. Богат со витамин Ц и еден од најпрепорачуваните овошја од лекарите во овој зимски период.

Но, колку е сигурен да се конзумира е она што многумина потрошувачи си го поставуваат во изминативе денови по пишувањата во медиумите дека во промет се пуштени лимони небезбедни по здравјето.

Информациите пласирани во јавноста, а кои презивикаа „лимон паника“ во земјите од регионот, говорат дека се продаваат лимони увезени од Турција кои се третирани со имазалил – активна материја во средство за заштита на растенијата, која е опасна по здравјето на човекот. Сомневањата дека нешто не е во ред, се поткрепуваат со фактот дека ова овошје драстично поевтинило во споредба со изминатиот период кога се продавало по двојно повисока цена.

На пазарите пред извесно време потрошувачите можеа да купат лимон по цена и до 150 денари за килограм, а сега тој може да се најде и за 50 денари за килограм. Причината за така високата цена беше недостигот од ова јужно овошје во Европа, поради што мораше да се увезува од Латинска Америка така што трошоците за транспорт значително ја зголемија цената за 30 до 40 проценти.

По информациите за отровни лимони падна и нивната продажба на пазарите. Продавачите се жалат дека потрошувачите од страв се помалку купуваат лимони.

 

Надлежните негираат дека на пазарот има отровни лимони

По информациите дека се продава лимон опасен по здравјето, надлежните институции во регионот излегоа со соопштение дека лимоните се безбедни и оти постојано се вршат контроли на увезените пратки.

Македонската агенција за храна и ветеринарство соопшти дека лимоните што се увезуваат се безбедни, а истото го сторија и надлежните институции во Хрватска, Србија и Република Српска.

– Досега ниту во еден резултат од испитаните мостри циструсно овошје, вклучително и на лимони кои во државата се увезуваат од Република Турција, не се евидентирани отстапувања во поглед на безбедносните критериуми за увоз на агруми, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оттаму најавуваат дека по изнесените наводи ќе ги засилат инспекциските контроли кај увозниците на јужно овошје и во внатрешниот промет.

Министерството за земјоделство во Србија информираше дека сите прехранбени производи кои се увезуваат се контролираат од страна на домашните стручни служби, а хрватското Министерство за земјоделство соопшти дека резултатите од направениот мониторинг покажуваат дека нема пречекорување на дозволените количини на пестициди во агрумите и оти не постои опасност од акутно или хронично заболување ако потрошувачите се придржуваат до упатствата во декларацијата.

 

Имазалил – пестицид кој се користи при третирање на циструсното овошје

Организациите на потрошувачи во регионот предупредија дека имазалилот е канцероген и кај доечињата и малите деца предизвикува проблеми во централниот нервен систем, а кај возрасните делува негативно на репродуктивните органи. Тие велат дека декларацијата е напишана на ситни, едвај читливи букви и вообичаено е ставена на места каде што не може да се види.

Експертите појаснуваат дека со овој пестицид се прска кората од лимонот против габични болести, како и заради тоа таа да остане подолго време свежа. Имазалилот, велат тие, се користи во мали количини и главно се задржува во кората на лимонот и не може да им наштети на луѓето.

– Ова не е ништо ново и одамна лимонот, мандарите и портокалите се прскаат со овој пестицид. Тој не спаѓа во групата на многу отровни материи, велат експертите, додавајќи дека само доколку се користи во големи количини, може да биде опасен по здравјето.

Препораката е потрошувачите внимателно да ја читаат декларацијата на производот, а при купувањето на цитрусно овошје доколку сакаат, имаат право да ги побараат од продавачат сите податоци за производот. Се препорачува пред употреба да се мие и кората од цитрусното овошје и да не се ренда во торти и колачи.

Имазалилот се користи за третирање на житарици, разни видови овошје и други земјоделски производи по жетва или берба. По проценката на ризик направена од Европската агенција за безбедност на храната во 2010 година, имазалилот се користи во Европската унија со сите пропишани ограничувања поврзани со здравјето на луѓето и околината.

Би можело да ве интересира

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски

АХВ: „Атлантик Штарк“ повлекува бисквити поради можност за присуство на надворешно тело

Дурмиши: Ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи

AХВ: Откриена е небезбедна храна во месарница и во супер маркет во Скопје

Горан Наумовски

Јајца Л класа, суџук, пудинг од чоколадо: Што ќе се јаде во охридскиот затвор годинава