За една година Првиот семеен центар на Град Скопје помогнал на 127 клиенти кои биле соочени со семејно насилство, информираа денеска на прес-конференција од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А.
– Во првата година од своето работење Cентарот понудил услуги на вкупно 127 клиенти, од нив 79 се жени, а 48 се мажи. Семејниот Центар има холистички пристап, односно ги вклучува сите членови од семејството каде се работи под еднакво со жртвите на семејно насилство и со децата кои се инволвирани во семејството, но и со самите сторители на насилството, истакна извршниот директор на ХЕРА Бојан Јовановски.
Појасни дека од вкупниот број луѓе на кои Центарот им помогнал, според категории, имало 52 жртви на семејно насилство, 17 сторители, 30 малолетни деца и 28 други членови на семејството кои учествувале во советувањето. Додaде дека од досегашното работење на Центарот постигнати се позитивни резултати во однос на надминување на состојбата во која се нашле жртвите на насилство и да го прекинат тој круг.
– Кај жените кои се жртви на семејно насилство постигнати се позитивни промени во однос на зголемена самодоверба кај нив и подобрена слика за себе, како и преземање lична одговорност за сопствениот живот и прекинување на насилната врска. Подобрено е и функционирањето во заедницата, првенствено во комуникацијата со брачниот партнер, децата и останатите членови во семејството. Кај децата кои биле на директен или индиректен начин инволвирани во семејно насилство, работено е во ослободување на негативните доживувања и воспоставување соодветен емотивен однос со родителот, информира Јовановски и додаде дека кај сторителите на насилство постигнати се резултати во однос на однесувањето каде се прекинало повторувањето на насилството.
На прес-конференцијата беше промовирана новата мобилна апликација „Пријави семејно насилство“ кој има цел, како што рекоа од ХЕРА, да ја крене свеста кај граѓаните за нивно вклучување во борбата против семејното насилство. Апликацијата е достапна на Андроид маркетот, како и на www.hera.org.mk/psc.
Под семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување, згрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чуство на несигурност, загрозување или страв, спрема брачен другар, родителите и децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница, како и спрема поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете.