Заврши реновирањето и обновата на спомен куќата на народниот херој Страшо Пинџур во кавадаречкото село Ваташа, проект реализиран од музејот од Кавадарци, информираше денеска директорот Петре Камчевски.
– Најпрво беше сменета комплетната покривна конструкција на музејот и помошната просторија. Беше извршена и обнова и дополнување со нови документи на постојаната поставка во самата музеј-куќа со нови 40-ина документи, а на постојните им беше продолжен векот на траење. Беше извршена хидрозаштита на објектот, а заштитени беа и сите дрвени столбови и греди кои го карактеризираат македонскиот стил на градба на куќи, соопшти Камчевски.
Најголем дел од средствата ги обезбеди општина Кавадарци, а еден дел од финансиите се обезбедени и од Министерството за култура.
– Битно е што овој значаен културно-историски објект од нашето историско минато, инаку заштитен од државата, е доведен во одлична состојба и ширум ги отвара вратите за сите посетители, нагласи Камчевски.