Поранешниот британски министер за финансии Алистер Дарлинг соопшти денеска дека се повлекува од политиката и дека нема одново да се кандидира за пратеник на Лабуристичката партија на наредните парламентарни избори во мај идната година.
Во интервју за „Фајненшл Тајмс“ тој се согласува дека со своите 60 години се уште е релативно млад за да работи на британската политичка сцена, но признава дека е длабоко фрустриран што лабуристите не го искористија референдумот за независност во Шкотска и отфрлањето на отцепувањето,за да ги засилат своите позиции кај шкотските гласачи.
Дарлинг, кој успешно раководеше со кампањата „Заедно е подобро“ за останувањето на Шкотска во Унијата, е актуелен пратеник во Вестминстер од една од изборните единци во Единбург.
– Разочаран сум што ние (лабуристите) победивме сигурно на референдумот, а тоа не го искориствме за подоброто позиционирање во однос на СНП (Шкотската национална партија), вели Дарлинг за „Фајненшл Тајмс“.
Тој предупредува на можноста, доколку лабуристите не ги повратат позициите кај гласачите од Шкотска, таму да се организира нов референдум за отцепување, многу побрзо отколку што тоа сега се мисли.
Повлекувањето на Дарлинг од Парламентот доаѓа во време на криза на Лабуристичката партија во Шкотска, која се соочува со гласање за нов лидер по оставката на Џоана Ламонт. Како најсилен кандидат се споменува Џим Марфи, министер за Шкотска и за Европа во владите на Гордон Браун и сегашен член на лабуристичката Влада во сенка на актуелниот лидер Ед Милибанд.
Дарлинг не прифати да биде дел од лабуритичката Влада во сенка и сега не го крие своето незадоволство за состојбите во главната опозицискна партија.
Две истражувања за расположението на гласачите пред парламентарните избори во мај 2015 покажуваат дека лабуристите ќе загубат голем дел од своите пратенички места во Шкотска, која е нивно главно упориште, за сметка на кандидатите на шкотската сепаратистичка СНП.
Алистер Дарлинг е лабуристички пратеник од Шкотска од 1987 година. Тој беше министер во неколку ресори во владите на Тони Блер и Гордон Браун, а го наследи Браун, како министер за финансии по повлекувањето на Блер во јуни 2007 година.