Градоначалникот на општина Центар и лидер на ЛДП, Андреј Жерновски денеска час и петнаесет минути разговараше со амбасадорот на САД, Н.Е. Пол Волерс.
Ова, изјави по средбата Жерновски, е редовна и регуларна средба со амбасадорот, а се разговаралo за состојбите на политичката сцена во опозицијата и во општина Центар.
На средбата станало збор и за натамошната стратегија на опозицијата и бојкотот на Собранието.
“Јас ја кажав мојата загриженост за стратегијата на Владата која секогаш кога ќе се појави некој проблематичен настан за неа, се апсат судии, не е чудо што во Македонија се појави ебола кога требаше да излезе некој негативен извештај за Владата. По најавите на опозицијата за изнесување на одредени материјали гледам дека се активира, она што е најпроблематично и најчувствително за нас, а тоа се интер-етничките односи. Гледам најави за некакви конфликти. Се надевам дека тоа нема да биде така. Но се плашам дека тоа ќе биде одговор на Владата на она што го подготвува опозицијата. Што ќе направи опозицијата и каков ќе биде одговорот – ќе покаже наредниот период“, изјави Жерновски.
Знам, рече Жерновски, дека имаме работа со Влада која е подготвена да направи секаква стратегија за да го одвлече вниманието од она што нејзе и’ се случува. Жерновски најави дека утре ќе се сретне со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. На средбата ќе се информираат за тоа до каде се размислувањата на пратениците.
“Мене ми е многу битно да соопштиме дека и да има пратеници кои сметаат дека треба да се вратат во Собранието, не велам дека нема, некои од нив даваат изјави дека се горди што се во Собранието, а беа на листите на коалицијата, тоа не треба да влијае на одлуката на опозициските партии бидејќи не може неколку поединци да ја држат во заложништво целата опозиција, како и целата политичка состојба во Македонија“, изјави Жерновски.
Жерновски беше јасен дека нема поместување на стратегијата. Тој не ги дели пратениците од опозицијата на оние од СДСМ, ЛДП и НСДП.
“Сакам да се излезе со една јасна, конкретна стратегија која што ќе прати порака кај гласачите и граѓаните дека се има концепт. Лошо е доколку опозицијата прати порака дека нема концепт“, рече Жерновски.