Изложбата насловена “Во градот” на американскиот визуелен уметник Кервин К. Вилијамсон ќе биде отворена вечерва во 19:30 часот во просториите на Галерија 8, Безистен, Стара Скопска чаршија. На изложбата ќе бидат претставени црно-бели и колор дигитални фотографи коишто Вилијамсон ги има изработено во Њујорк и Скопје.
-Она што го креираме ги рефлектира аспектите од тоа кои сме и што сме. Уметноста влијае на сè – на начинот на којшто живееме, се храниме, се облекуваме, мислиме, чувстуваме и комуницираме еден со друг. Уметноста е причината, уметноста е начинот, вели Вилијамсон.
„Урбаната фотографија е како истражување: визуелно, ментално и емоционално. Кога станува збор за истражување на некој град, тоа истражување прераснува во нешто повеќе, отколку само прикажување на неговите улици, спомениците, култните локации и структурата. Тогаш фокусот е ставен на малите нешта, моментите кои само малкумина ги забележуваат, големите и малите промени, временските услови кои накратко го менуваат расположението во градот, но и како ние се чувствуваме. Сепак, повеќето градови се или премногу или премалку фотографирани, при што се добива препознатлива слика од нивните урбани пејзажи и луѓето коишто во нив живеат. Па оттука се поставува прашањето: Како стариот субјект да го прикажеме во ново светло?
Континуираниот развој и промени во изгледот на градот (во одредени делови, малку по малку), се предизвик за визуелниот уметник и му овозможуваат ново поле за истражување; не само на неговата структура, туку и на неговите составни делови и односот кон околината. Зголемената употреба на стакло во архитектурата (или слични современи материјали), создава светлечки, полу-рефлективен изглед на урбаниот пејзаж, што резултира со моќна глетка и длабочина. Изложбата ќе претставува кратко патување, кое истражува аспекти на градот, а на гледачот му отвараат нова перспектива во гледање на веќе познатата глетка“, се вели во текстот за оваа изложба.
Кервин К. Вилијамсон живее и работи во Њујорк, САД. Од 2001 година интензивно почнува да се занимава со уметност работејќи на својата прва стрип/ графичка новела „Земјата на изгрејсонцето“. Од 2006 г. почнува да слика апстрактни слики, а од 2009 г. почнува да фотографира во црно-бела техника. Негова инспирација се урбаните делови на Бруклин и Менхетен, а потоа се префрла и на дигитална фотографија. Неговиот најнов проект „The rise of the young ones” се фокусира на модерната архитектура, урбаните промени и социјално-историските причини за тоа.