Светската банка денеска најави дека ќе донира 100 милиони долари за да се забрза распоредувањето на странски медицински персонал во африкански земји што се најпогодени од епидемијата на еболата.
Средствата се наменети за финансирање на создавање на координативен центар во Гана, каде ќе се обучува медицинскиот персонал и од каде ќе се испраќаат медицински екипи во трите најпогодени држави – Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.
– Дополнителните средства ќе бидат наменети и со цел во следните 60 денови да се изолираат и да се лекуваат 70 отсто од заразените лица и да бидат погребани 70 проценти од починатите од ебола, се наведува во соопштението на Банката.
Светската банка истакнува дека ќе донира вкупно 500 милиони долари за справување со епидемијата, а оти 117 милиони веќе се доставени.
Белгискиот професор Петер Пиот, еден од откривачите на вирусот на ебола во 1976 година, денеска изрази вознемиреност за Кина бидејќи многу кинески граѓани работаат во Западна Африка.
– Во Африка денес живеат и работа голем број Кинези. Не е невозможно заразените работници да се вратат во Кина, каде во државните болници нивото на контрола е многу ниско, посочи Пиот на семинар во Токио.
Организацијата „Лекари без граници“ соопшти дека е рано да се носат заклучоци дека е намален бројот на нови заразени од ебола во Либерија.
Либерисиот заменик-министер за здравство Толнерт Ниенсуа изјави дека вирусот се шири во бранови и дека намалувањето на бројот на заразени може да биде трајно ако тоа е случај и во соседните Сиера Леоне и во Гвинеја.