Се евидентира бројот на икони и црковни книги во верските објекти во кавадаречко и росоманско, за да се види за колку е намален овој број од нивниот попис во 1968 година, информираше денеска советникот историчар Петре Камчевски, директор на музејот во Кавадарци.
Евидентирањето е во рамки на проект на Министерството за култура.
– Активностите се всушност во рамки на проектот кој го спроведуваме веќе трета година и ни остана да посетиме само уште неколку села. Во низинските села во кои што има народ како што се Марена, Глишиќ или Сопот, бројот на икони и црковни книги е речиси идентичен. Загрижува состојбата во риско планинските населени места каде што нема физичко обезбедување и живеат само по еден или двајца луѓе. Такви се селата Праведник и Галиште и други во кои фалат неколку икони и црковни книги. Загрижувачки е и во испустените села Драдња, Радња и Гарниково каде верските објекти се разрушени па иконите и црковните книги се преместуваат од едно место на друго и тогаш грижата за нив е помала па може да се појават и проблеми, рече Камчевски.
Тој нагласи дека во минатото на овие простори претставници на разни други држави неповратно однеле од Тиквешијата вредни предмети од верските објекти.