Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска на жители на општината им додели решенија за легализација.
„Ова е една од најзначајните активности на општината. Уште на почетокот најавив остро темпо, но го реализираме ветеното. И покрај сите опструкции, немањето поддршка успеавме да изготвиме двојно повеќе решенија од претходната локална власт. Од месец септември до сега, само за два и пол месеци изготвени се и издадени 156 решенија за легализација. Со ова, од месец мај 2013-та, откако дојде ова раководство во општина Центар, издадени се 1396 решенија“, рече Жерновски.
Иако, посочи тој, не ни е цел сега да се фалиме, сепак за споредба, во периодот од 2012-та до 2013-та издадени се 724 решенија за легализација на дивоградби.
Граѓаните се задоволни бидејќи по неколку години се свои на своето.
Градоначалникот на општина Центар рече дека рокот за поднесување елаборати е до 31-ви декември 2015-та година, а за поднесување на барање за легализација на тераси во станови во згради – рокот е 30-ти јуни 2015-та година.
Вратите на општина Центар се секогаш отворени за пофалби и критики, за проблемите на жителите и за нови идеи за да може сите да живееме во општина каква што заслужуваме.