Жителите на кулите во задниот дел на ГТЦ денеска побараа помош од градоначалникот на општина Центар на општинскиот отворен ден со граѓани.
Тие не се согласуваат и не ја прифаќаат понудата на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да им ја реконструира само предната фасада и тоа во барок стил.
Жителите го донесоа и писмото од Трајановски во кое им дава, како што и самите велат, ултимативно, рок од 10 дена да размислат и да известат дали мнозинството се согласува со ваков вид реконструкција на нивната фасада.
“Доколку сега не ни дадете согласност, а во иднина се предомислите, ние нема да може да Ви гарантираме дека ќе ја реконструираме Вашата фасада, бидејќи финансиските средства ќе ги пренамени за фасадите на другите објекти“, стои во известувањето од градоначлникот на град Скопје до станарите.
Жерновски посочи дека ќе го разгледа и овој проблем и ќе се интервенира во рамките на финансиските можности на општината.
Ова е втор случај кога жители на општина Центар не се согласуваат само со украсно барокно фасадирање. И жителите во зградата кај кафе барот “Плеј“ и жителите од зградата кај спомен куќата на Мајка Тереза не се согласуваат со уцени и сакаат реконструкција на сите 4 страни на зградата, а не само барокни гипсани плочи на нивните згради.
На отворениот ден градоначалникот Андреј Жерновски и службите на општина Центар ги сослушаа центарци и понатаму ќе продолжат да работат на решавање на проблемите со урбанизмот, улиците, канализацијата, урбаната опрема и дивоградбите.