Обезбеденоста на производството со нарачки и обемот на производството во преработувачката индустрија во септември во однос на август годинава се поповолни, оценуваат раководителите на фирмите.
Според Државниот завод за статистика, економската состојба на фирмите во преработувачката индустрија во септември во однос на август годинава, како и во однос на септември лани, е понеповолна.
Очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни, како и очекувањата за бројот на вработените. Во септември годинава, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готовите производи во септември во однос на август се намалени.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември изнесува 61,3 проценти од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во септември имале недоволната странска побарувачка со 22,7 проценти, недоволната домашна побарувачка со 18 проценти, неизвесното економско опкружување со 10,6 проценти и финансиските проблеми со 8,9 проценти.