Македонскиот мед во саќе го освои второто место на дегустацијата што ја организира саемот за традиционална храна „Салон дел густо“. Жирито составено од пчелари – учесници на саемот оцени дека е еден од најдобрите, пренесува МИА.
– Конкуренцијата беше огромна, бевме 55-ти од вкупно пријавените преку 100 учесници од целиот свет. Влеговме во петте најдобри и успеавме да го добиеме второто место, изјави производителот Игор Илков, претседател на здружението „Македонска пчела“.
Медот е полифлорен, ги содржи сите цветови што ги има во гевгелиско каде е произведен. Но, во однос на цените, е некаде на дното.
– Со квалитет сме меѓу првите, на врвот, но според цената, последни. Луѓето кај нас едноставно не можат да си дозволат повисока цена. Во ЕУ тегла мед е 10, 15, 20 евра, а кај нас 300 – 400 денари. Лани беше 250 денари, а годинава поскапе поради екстремно лошите услови кои ја намалија продукцијата, рече Илков и додаде дека до крајот на годинава мед нема да има што ќе биде причлина повеќе на пазарот да се пласира фалсификуван мед.
Неговата порака е потрошувачите да купуваат кристализиран мед, од пчелари кои ги познаваат, а производителите да не се фокусираат само на мед, туку и на млеч, восок и прополис.
Македонските пчелари не отстапуваат од интенцијата да ја заштитат автохтоната пчела, но се борат и за заштита на биодиверзитетот.