Европскиот парламент денеска во Стразбур треба да се изјасни за избор на новата Европска комисија на Луксембуржанецот Жан-Клод Јункер.
Денешното гласање следи откако вчера беа одобрени последните промени во предложениот состав на Еврокомисијата со прифаќањето на предлогот Словенката Виолета Булц да го преземе ресорот транспорт, а Словакот Марош Шефович да биде еврокомесар за енергетика и потпретседател на Комисијата.
Гласањето се очекува да биде чиста формалност, бидејќи новата Комисија е поддржана од широка коалција составена од Европската народна партија, групата на Социјалистите и демократите и од либералите.