По шест месеци од основањето, Асоцијацијата на металната и електрo иднустрија МАМЕИ ги претстави своите активности, задачи и цели пред јавноста. Асоцијацијата нуди можност домашните компании да работат со здружени сили за подобар пласман на своите производи и реализација на деловните планови како на домашниот, така и на странскиот пазар.
Ќе се фокусира на организирање на Б2Б настани, мапирање и развивање домашни снабдувачи синџири, заедничка набавка на материјали за производство и оптимизација на извозните транспортни активности, заедничко учество на тендерски постапки, заеднички настап пред странските инвеститори, развој на нови иновативни производи,…
– Главната цел на оваа асоцијација е да го зајакне секторот со фокус кон малите и средните компании кои се извозно ориентирани, но е се уште отворена и за сите компании кои гравитираат како добавувачи или клиенти, а сепак се дел од металната и електро индустријата, заради заедничко учество на саеми, проекти и активности кои ќе им го олеснат пристапот до странските пазари и полесно преземање на проекти на компаниите, рече претседателот на МАМЕИ, Марта Наумовска-Грнарова на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека во асоцијацијата моментно членуваат 10 од над 150-те компании со 10 до 100 вработени од металната и електро индустријата во Македонија.
– Скапиот транспорт е главниот предизвик со кој се соочуваат сите компании кои се извозно ориентирани, а во некои ситуации и брзината на транспортот е проблем. За компании кои работат специјални проекти проблем е и поединечната набавка на материјали од Европа или целиот свет заради големите трошоци. Друг предизвик е можноста да се дојде до странските клиенти, односно настапувањето на саеми, бидејќи една средна компанија нема буџет да оди годишно на повеќе од еден до два европски саеми што не е доволно, имајќи во превдвид дека живееме во брзо време во кое е битно да се биде присутен, рече Наумовска-Гранарова.
Идејата, нагласи, ни е да бидеме присутни на саемите како асоцијација.
– На тој начин ќе бидеме посериозни пред потенцијалните клиенти и инвеститори, а од друга страна ќе имаме можност да сме поприсутни. До крајот на годинава имаме планови за Б2Б средби, потенцира Наумовска-Грнарова.
Според неа, созреаноста на македонскиот пазар само го поттикна формирањето на една ваква асоцијација преку која компаниите ќе можат да ја зголемат меѓусебната соработка.
– Успех е кога се бориш на светскиот пазар, рамо до рамо со сите реномирани компании. Свесни сме за рапидните промени кои се случуваат во светот и сметаме дека со МАМЕИ ќе можеме полесно да влеземе во системот и да ја зајакнеме позицијата на домашните компании во однос на конкуренцијата од другите земји. Целата наша работа треба да резултира со значителен економски ефект проследен со нов извоз, а сето тоа ќе влијае на зацврстувањето на довербата и соработката на домашните компании, особено во делот на рразвојот на нови производи, истакна Наумовска-Грнарова.
Еден од главните поддржувачи на МАМЕИ е СИППО – Швајцарската програма за промоција на извозот, со чија помош Асоцијацијата ќе организира извозни активности и ќе бара нови партнери надвор од Македонија.
Кристијан Бернет, програмскиот директор во С-ГЕ Швајцарија рече дека поддршката на МАМЕИ е резултат на долгорочната соработка меѓу членките-основачки на асоцијацијата со нив.
– Гледаме светла иднина за оваа асоцијација во следните години, бидејќи МАМЕИ е почеток на нешто што ќе стане многу поголемо и во следните три години ќе расте бројот нанивните членки. Услугите треба да им помогнат на членките на асоцијацијата полесно да допрат до меѓународните пазари, рече Бернет.