Груевски: Со кампањата за здрава храна до подобро здравје на граѓаните

Од:

Кампањата за здрава храна и здрав начин на живот е една од најзначајните кампањи што ги почнуваме. Целта ни е да им помогнеме на граѓаните со совети што е она што може да им го подобри здравјето, да им го продолжи животот и да ги направи посилни и поздрави и што е она што може да делува обратно, во полоша насока. Ова го изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање денеска по пуштањето во употреба на спортскиот полигон во општина Ѓорче Петров.

Посочи дека ќе има многу активности и многу чекори во кампањата, која ќе трае повеќе месеци, не само преку спотови и билборди, туку ќе има и многу телевизиски настапи на стручни лица.

– Идејата е пораката да допре до умовите на сите граѓани да размислат околу тоа доколку сакаат да имаат подолг и поздрав живот. Секој сам одлучува што ќе консумира за храна.  Тоа е индивидуална одлука и никому не му се мешаме за тоа, рече Груевски.

Наша обврска, како што истакна, е од најнапредните научни сознанија во делот на здравата храна и здравиот начин на живот да ги доближиме до секој обичен граѓанин секој да може да го разбере тоа затоа што не секој граѓанин може да прочита што некој кажал на Јелоу, на Харвард или што препорачува СЗО, истакна премиерот.

Имаме граѓани, рече Груевски, со различен степен на образование. – Имаме граѓани кои се фокусирани на различни области и не секој се фокусира на ова прашање што е сосема разбирливо и така е во секоја земја. Затоа е тука Владата која треба да најде начин, механизми како да го доближи тоа до секој човек да го разбере тоа за негово добро, додаде премиерот.

Според него, второстепено е тоа што ќе значи за самата држава затоа што ќе превенира и ќе спречи многу болести за кои државата троши пари за лечење.

– Од тие болести луѓето патат откако ќе ги добијат. Некои ќе се излекуваат, некои не но се изложуваат на многу непријатности, а некои завршуваат и порано со животот, рече Груевски.

Во кампањата, која ќе биде повеќемесечна, пообемна и сеопфатна, ќе бидат вклучени огромен број медицински лица, нутриционисти, кои ќе даваат совети, ќе објаснуваат многу работи.

– На многу луѓе не им е јасно зошто тоа е подобро да се јаде. И во делот на спортот, во делот на рекреацијата и здравиот живот и тука ќе настапиме со многу различни механизми, рече Груевски и додаде дека политиката на Владата за изградба на спортски игралишта, спортски сали и други спортски терени е во духот на здравиот начин на живот.

– Ние не само што зборуваме, ние и делуваме, ние работиме конкретни дела што на луѓето можат да им помогнат во правец на одржување на нивното здравје и добивање подолг живот, рече премиерот Груевски.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба

Горан Наумовски

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Во првите сто дена од новата влада Мицкоски најави проект во енергетиката, две инвестиции и проширување на други две

А1он

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ