Масовна акција за собирање на комунален отпад, денеска, се спроведува во општина Крива Паланка, во рамките на проектот „Македонија без отпад“, поддржан од Министерството за животна средина и од повеќе невладини организации здружени во Асоцијацијата „Ајде Македонија“.
– Крива Паланка веќе трета година по ред во континуитет ја спорведува акцијата за собирање на комунален отпад, која годинава ќе се реализира на вкупно 15 локации. Целта е да се исчисти и собере отпадот фрлен на несоодветни места, во непосредна близина на живеалиштата на граѓаните, на местата кои се користат за одмор и рекреација и во речните регулациони корита, истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Со акцијата е опфатено чистење на речните корита на Крива и Дурачка Река, околината на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“, повеќе локалитети во периферните населби, парковски површини, излетнички места и друго.
Во чистењето на комуналниот отпад учествуваат вработените од општинската администрација, ЈП„Комуналец“, Дирекцијата за заштита и спасување, подрачните одделенија на министерствата, еколошките секции од образовните институции и граѓаните.
– Апелираме граѓаните правилно да постапуваат со комуналниот отпад и истиот да го фрлаат исклучиво во садовите за отпад. На овој начин ќе се подобри граѓанската свест и ќе се развијат механизми за подобро и полесно справување со неорганизираното и незаконско фрлање на отпад во општината, подвлекува Алексовски.