Изложбата „За каменот“ на француската уметница Флор Хелуан, ќе биде отворена денеска во 20:20 часот во просториите на галеријата „Остен“ во Скопје, а ќе биде поставена до 31 октомври.
Изложбата е инспирирана од престојот на авторката во Скопје во 2013 година.
„Новата серија цртежи со јаглен насловена „За каменот” е создадена во бронзенодопскиот архео- астрономски локалитет Кокино, во близина на Скопје. Овие цртежи се резултат од нејзиниот резиденцијален престој во Скопје, и од нејзината цел да го набљудува амбиентот на опсерваторијата во обид да ги разбере маркерите, референците во просторот и да се обиде да ги поврзе со камените маркери во Кокино. Правејќи го ова, таа се обидува да ја опфати истата глетка и да му даде смисла на просторот и да го види на ист начин како нејзините претходници, неговите креатори. Во нејзините претходни дела, Хелуан се интересира за естетските квалитети на светлината и темнината и начинот на којшто новите медиуми го илуминираат современото општество.
– Со комбинирање на различните материјали и користење на нивните различни материјални вредности во цртежите и дополнителните придружни звуци, уметницата креира мала материјална колекција на фрагменти од околината во којашто делата се создадени, и преку суптилна просторна инсталација и овозможува на публиката да го доживее сензитивниот амбиент на опсерваторијата“, пишува кураторката Елена Вељановска.
Изложбата е финансиски поддржана од Францускиот Културен центар и АЛДА (Асоцијација за поддршка на локалната демократија).