Мозаикот откриен во масовната гробница во Амфиполис, северна Грција, го прикажува киднапирањето на Персефона, ќерката на Зевс и Деметра, од страна на Хад, богот на подземниот свет, соопштија археолозите.
На мозаикот, кој е со димензии 3,5 на четири метри, првично се гледале коњаник со ловоров венец кој возел кочија што ја влечеле два коња пред кои бил богот Хермес.
Според соопштенито на грчкото Министерството за култура, Хермес е прикажан како диригент на душите во задгробниот живот.
Мозаикот е направен од камчиња во повеќе бои: бела, црна, сива, сина, црвена и жолта. Недостасуваше кружен дел, во близина на центарот на мозаикот, но археолозите нашле доволно фрагменти за да реконструираат поголем дел од него, откривајќи го лицето на Персефона, која, според митот, е персонификација на пролетта и вегетација.