Министри за земјоделие од западноафрикански држави кои се во центарот на епидемијата со ебола, сметаат дека само финансиска помош и глобално договорени напори ќе спречат здравствената криза да прерасне во криза за храна.
Во Сиера Леоне, каде илјадници луѓе се заразени од опасниот вирус, а над 900 починаа, 40 отсто од фармерите не ги обработуваат нивите. Министерот за земјоделие Џозеф Сам Сасаи вели дека прогнозите за економски раст во државата биле над 11 отсто, но сега очекува да се намали на три отсто.
Либерискиот министер за земјоделие Флоренс Ченвет изјави дека се загубени инвестиции од милијарди долари и оти земјоделството е во многу тешка состојба.
Министрите зборуваа вчера на годишна средба на фондацијата што обезбедува средства во Светската програма за храна, во Дејмон во американската држава Ајова.