Комисијата за здравје на Градскиот совет на Лондон побара воведување забрана за пушење на двата големи плоштади во британскиот главен град, Трафалгар и кај зградата на Парламентот.
Најавата на градските власти веднаш предизвика поделени реакции. Активистите за забрана на пушењето, веднаш ја поздравија ваквата иницијатива, но групата на пушачите „Форест“ соопшти дека станува збор за „суров потег“ на власта.
Претставник на оваа група изјави дека пушењето во парк никому не му пречи и никому не му штети освен на пушачот.
Британската Влада се огради од иницијативата на главниот град, објаснувајќи дека таа не планира да го забрани пушењето на јавни места.
Предлогот беше покренат во извештајот „Подобро здравје за Лондон“, зад кој стои поранешниот британски заменик-министер за здравство, сега лорд, Ара Дарзи, кој е хирург.
Во извешатој се посочува на опасниот податок дека половината од сите возрасни жители на британскиот главен град се дебели или имаат прекумерна тежина. Лондончани се подебели и од жителите на Њујорк, Торонто, Сао Паоло, Сиднеј, Мадрид и Париз.
Анализите што се направени покажуваат дека пушат повеќе од 1,2 милиони жители на Лондон, а дека меѓу пушачите има и деца на училишна возраст.
Градоначалникот на Лондон Борис Џонсон, реагираше внимателно на иницијативата на Комисијата за здравје. Во изјава за медиумите тој побара анализа и докази за тоа дали евентуалното усвојување на една ваква мерка ќе може да спасува животи.
Внимателност покажува и Институтот за слободен пазар и економски прашања, кој предупредува дека забраната би можела да биде „груб напад’ врз човековите слободи.
Лондонските весници кои посветуваат забележителен простор на иницијативата, открија дека во Њујорк пушењето е забрането во сите паркови, на јавните плажи и на терените за голф, а казната за непочитување на забраната изнесува 50 долари.
Во Торонто е забрането пушење во сите јавни објекти, но и надвор од нив на простор од најмалку девет метри. Во Хонг Конг, пак јавните плажи се слободна зона за пушење, а нема ограничувња и во некои јавни објекти. Казната за непочитување на забрана за пушење, таму каде што постои, изнесува 200 американски долари.