Уставниот суд на денешната седница укина една одредба од Законот за игрите на среќа и забавните игри, донесен 2011 година и пет пати дополнуван досега.
Укинатата одредба предвидуваше можност овластено службено лице од Управата за јавни приходи да изврши запечатување на деловна просторија во која се приредуваат игрите на среќа и да донесува решение со кое се забранува приредување игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 10 години, а вршење на друга дејност во рок од една годнина, доколку при надзор се утврди дека приредувањето на игри се врши без издадена лиценца или дозвола или ако приредувачот на игрите има лиценца или дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон.
Укинувањето се однесува на делот од одредбата „донесување решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 10 години, а вршење на друга дејност во рок од една годнина во таа просторија“.
Укинувањето е затоа што одредба за донесување решение за забрана за приредување игри на среќа во деловна просторија во рок од 10 години, а вршење на друга дејност во рок од една годнина, се однесува на забрана на користење на деловната просторија, а не на вршење на дејноста, со што се доведува во прашање владеењето на правото.
Уставните судии денеска не поведоа постапки за одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, од Законот за парничната постапка, од Законот за финансиска дисциплина и од Законот за прекршоци на јавниот ред и мир, а ја отфрлија иницијативата поднесена на Законот за облигациски односи.
На седницата беше поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со кој се регулираат права и обврски од солидарните трошоци, а кој Правилник е донесен од ЈП „Комуналец“ од Гевгелија во јануари 2005 година и одобрен од Советот на општина Гевгелија.
Поведувањето на постапката е затоа што Правилникот наметнува обврска на корисниците на гробиштата во Гевгелија да мора да ги користат услугите на ова јавно претпријатие за да можат да ги користат средствата од солидарниот фонд за погребални услуги, иако според Законот за гробишта и погребални услуги тие услуги може да ги вршат различни субјекти на пазарот со што Правилникот има карактер на акт со кој се создава монопол на пазарот, па таквиот акт нема уставна основа.
Уставниот суд денеска не поведе постапка за Правилник за работа на автошколите за оспособување на кандидатите за возачи, донесен 2013 година и за десет члена од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, донесен 2013 година.