Српскиот министер за финансии и стопанство, Млаѓан Динкиќ е првиот купувач на кредит на новиот модел „fiat 500 L”, кој во соработка со италијанскиот автомобилски гигант Fiat се произведува во Крагуевац.
Како што пренесуваат српските медиуми министерот Млаѓан Динкиќ во изјавата за агенцијата Танјуг соопштил дека договорот го потпишал како граѓанин, а не како министер, како и дека за купување на автомобилот подигнал комерцијален банкарски кредит со рок на отплата од пет години.
„Пред неколку години, многумина во Србија не веруваа дека проектот што го покренав со Fiat навистина ќе успее и дека во производните погони во Крагуевац еден ден ќе се произведува автомобил од врвна светска класа”, соопштил Динкиќ.
Потсетува и на своето јавно ветување дека ќе биде првиот купец на италијанскиот автомобил произведен во Србија, истакнувајќи дека „од самиот почеток длабоко верувал во успехот на оваа голема индустриска инвестиција која има огромно значење за вкупниот економски развој на Србија”.
Динкиќ додава дека тој и неговата сопруга со новиот „фиат 500 Л” ќе го заменат 12 години стариот „пежо 206″, како и дека новата променана имотот ќе го пријави во ресорната државна агенција.
Најевтината верзија на „фиат 500 Л” во Србија ќе чини 13.490 евра со данок на додадена вредност (ДДВ), а најскапата со комплетна опрема 18.690 евра, а Динкиќ го купи ден пред почетокот на официјалната продажба на автомобилот на светските пазари.
Автомобилот „фиат 500 Л” е ексклузивен модел на италијанската компанија создаден во фабриката „Фиат автомобили Србија” (ФАС) во Крагуевац, во заеднички проект на српската влада и „Fiat”. Србија во ФАС има идел од 33, а Fiat 67 отсто. Фабриката почна со работа на 16-ти април 2012 година и е најголемата инвестиција во Србија последните неколку децении.
Динкиќ едно време беше министер и во претходната влада на Мирко Цветковиќ и учествуваше во преговорите со „Fiat”, и заедно со поранешниот претседател Борис Тадиќ го сметаат за еден од најзаслужните функционери за враќање на познатата италијанска компанија Србија, кој долги години соработуваше со „Застава” од Крагуевац во времето на поранешната СФРЈ.