Проектот „Креативен викенд Лазарополе“, кој три години се одржува во ова планинско село во западна Македонија, денеска ќе и биде претставен на публиката во Париз во Културно-социјалниот центар La Generale.
Проектот ќе го претстават координаторите Јован Ламбески и Тони Димитров, најпрвин преку презентација и фотографии од изминатите изданија на „Креативен викенд“, а потоа и со кратко видео кое е направено за време на еден од креативните викенди. Покрај презентацијата ќе бидат претставени и дел од уметниците кои досега учествувале во проектот и тоа со делата добиени како резултат од креативните викенди.
Покрај претставувањето на Креативен викенд, во Париз ќе биде претставена и концептуалната звучна инсталација „Страв од музика“ на Тони Димитров, чиј дел е снимен во Лазарополе.
Проектот „Креативен викенд“ се состои од работилници на кои се работи на различни креативни аспекти и уметнички перспективи, каде авторите имаат можност да се соберат на едно прекрасно место и заедно да работат, да се инспирираат, создаваат, пишуваат, цртаат, да ја претстават својата работа, да соработуваат, да се дружат и да уживаат во природата.
Работилниците се наменети за млади креативци кои се заинтересирани за уметноста и крeативните индустрии, кои ќе работат заедно, врз основа на што би се создала база за нивна понатамошна соработка на ниво на локална сцена во соодветната уметничка област, што е еден чекор кон креирање на своевидна уметничка заедница која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина.