Железничката станица во Скопје најдоцна до мај следната година ќе добие нов лик. Проектот за реновирање на станицата ќе го подобри севкупниот квалитет на услуги за патниците и зголемување на техничките стандарди и капацитети на станицата, најави директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, при денешниот увид на градежните активности.
Проектот за реновирањето го изготви германската фирма „Гронтмеј“, а реализацијата ќе чини 2,9 милиони евра, обезбедени од ЕУ преку ИПА фондовите.
– Железничката станица во Скопје, која беше пуштена во употреба пред 33 години, во тоа време претставуваше најмодерен сообраќаен центар не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Станицата низ која дневно поминуваа по 70 воза и околу 7.000 патници со својот специфичен изглед и градба претставуваше врв на архитектурата за тоа време. Од тогаш немало ниту еден поголем инвестициски зафат, а сегашните активности ќе придонесат за враќање на нејзиниот сјај, изјави Асани.
Во подобрување на квалитетот на услугите за патниците, посочи, акцентот е ставен на патниците со инвалидитет, намалена мобилност и специјални потреби.
Со проектот, информира, е предвидена изградба на два нови лифта за качување на патниците на пероните, нов лифт платформа за лица со инвалидитет и за патници со поголем багаж, подигнување на нивото на постоечките перони за 55 сантиметри, односно на ниво на платформата на вагонот.
Ќе има нов информациски систем и систем за разглас, електронски систем за влез во станицата, приспособување на паркинг просторот, подобрување на осветлувањето и климатизацијара, изработка на специјални ребрасти патеки за слепите лица, како и звучни сигнали.